Прв дел од интервјуто на директорот Јовица Стојановиќ за ЦивилМедиа

Стојановиќ: Катастрофа е благ збор да се опише состојбата што ја затекнав во затворите во 2017 година

Во првиот дел од нашиот разговор со Стојановиќ, се фокусираме на промените во КПД Идризово правејќи и паралела меѓу состојбите кои ги затекнал и она што успеала да направи УИС по неговото назначување за директор.

Јовица Стојановиќ е директор на Управата за извршување санкции при Министерството за правда на Република Северна Македонија. Уште при првиот контакт, тој остава впечаток на строг, прецизен и уреден човек, вистински професионалец. Тој е на функција нешто повеќе од две години, но за овој краток период, тој успеа да започне серија тешки и комплексни проекти. По средбата со Стојановиќ, човек ќе се запраша каде беше овој човек, со сите идеи и способности, каде бил 11 години за време на режимот, кога затворскиот систем беше казна за неистомислениците. Во еден момент, пред крајот на интервјуто, тоа и го запрашавме. Тој кратко одговори: Во фиока.

Тој кратко одговори: Во фиока.

Стојановиќ спроведува голем број проекти и е дел од динамични реформи во казнено-поправниот систем. Највидливиот дел од неговата работа се далеку подобрените услови во повеќе затворски установи во земјава. Со скромни средства и со донации, тој се обидува да ги приближи, па и да ги достигне европските стандарди.

Во првиот дел од нашиот разговор со Стојановиќ, се фокусираме на промените во КПД Идризово правејќи и паралела меѓу состојбите кои ги затекнал и она што успеала да направи УИС по неговото назначување за директор.

„Зборот катастрофа е мал збор да се опише сето она со што се соочив на терен по моето доаѓање за директор на УИС во 2017, имајќи во предвид што беше оставено во 2006, а што се наследи во 2017 година. Сите проекти што ги започнавме, како и оние што веќе беа започнати, како оној за целосна реконструкција на КПД Идризово ги правиме да бидат реални на терен. За овие две и пол години можам да кажам дека сум задоволен од постигнатото вклучувајќи ја пред и потоа состојбата заедно со сите ново поставени директори во затворскиот систем Република Северна Македонија“, потенцираше Стојановиќ правејќи една паралела на затекнатите состојби во затворите и она што сè постигнала УИС во последниот период.

„Она што и останува во меморија на јавноста се оние слики што ги покажуваат лошите услови во затворот „Идризово“. Апелирам, покрај овие слики кои се веќе минато, архива, затоа што дел од тие објекти веќе и не постојат. Она што секогаш ќе го слушнете дека најлошо функционирало во „Идризово“, на пример „Плоча“, „Школарци“ или Домскиот магацин во кругот на затвореничкиот дел веќе не постојат физички. На нивно место се направени паркови. Не ретко се случува ви медиумите да се прикажат фотографии од притворското одделение во Битола кое е ставено во функција уште во мај 2018 година, а сега е во фаза на комплетна реконструкција и реновирање на целиот затвор со грант на Европската унија. Навистина на терен се менуваат многу работи, што со фондови, што со проекти, меѓутоа и со сопствени средства на финансирање, односно буџетот кој е на исто рамниште како и претходно. Сепак, домаќински се користи од установите и така се прават заштеди за да се направат инвестиции што дополнително ќе придонесат да заштедиме средства“, изјави Стојановиќ одговарајќи на прашањето за која е вистинската слика на КПД „Идризово“ во моментот.

Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување санкции при Министерството за правда

Стојановиќ потенцираше дека им се неопходни нови кадри постојано, со оглед дека процедурата за едно работно место трае минимум 6 месеци ако се исполнети сите услови за вработување.

„Апелирам да се направи подобар начин на проценка на потребите на установите за вработувањата затоа што има потреба од нови вработувања во затворите. На пример, во КПД „Идризово“ во една зграда каде што до одреден период беа сместени околу 680 лица ние функциониравме со 4 затворски полицајци. При тоа имавме сместени затвореници со доживотни казни, педофили, повратници од ИСИС и одреден број на затвореници од групата за познатиот случај „Диво Насеље“. И тоа кога ќе им го кажете на институциите дека е неодржлива состојбата на терен тие велат тоа се процедурите. Сепак, најдовме некое решение, зедовме професионални војници со навршени 40 години, вкупно 97 лица се распределени во нашите установи. Меѓутоа се изборивме и за поддршка од Владата да направиме дополнителни вработувања во затворската полиција. Истовремено, успеавме да ги опремиме комплетно оние згради што беа при крај со изградба во КПД „Идризово“ во првите 12 месеци откако дојдовме на оваа позиција“, изјави Стојановиќ.

Иако преку ноќ не можат да се променат сите работи што ја успоруваат работата на затворските установи, сепак Стојановиќ е задоволен од постигнато. Сепак, смета е дискутабилно да се зборува што е задоволителен паричен надомест за вработените.

„Во зависност од образованието така се одредуваат и платите. Меѓутоа, за да го елиминираме тоа чувство на слабо платени, со новиот закон за извршување на санкции и новите пресметки за плати веќе направивме воедначување кај затворската полиција на ниво 30% ризик да имаат во основната плата. Направивме промени и во секторот за ресоцијализација исто 30% додадовме за ризик и сите оние што влегуваат во затворот, значи и административниот дел на секоја казнено поправна установа да добијат 25% покачување на основната плата“, изјави Стојановиќ.

Со овие промени платите на вработените во зависност од образованието и позицијата се движат од 28.000 до 40.000 денари.  Она што останува е да се добијат униформи кои ќе бидат исти за сите вработени во затворската полиција.

За крај, во првиот дел од интервјуто Стојановиќ ги истакна најзначајните проекти со поддршка на меѓународната заедница, како што е судницата во КПД „Идризово“, целосна реконструкција на затворот во Битола по европски стандарди, донацијата за софтверско поврзување на сите затвори и пробациски канцеларии…

Џабир Дерала
обработка на текст: Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Монтажа: Владимир Перчуклиевски

Прв дел од интервјуто на директорот Јовица Стојановиќ за ЦивилМедиа
Scroll to top