Денес со задоволство можеме да кажеме дека имаме воспоставена функционална пробациска служба во нашата земја. Управата за извршување на санкциите континуирано презема мерки за ефикасно извршување на алтернативните санкции и мерки преку воспоставување и унапредување на пробацискиот систем во државата.
Вкупно 11 пробациски канцеларии се функционални, за подрачјата на првостепените судови во Скопје, Куманово, Тетово, Битола, Штип, Велес, Струмица, Охрид, Прилеп, Кавадарци и Гевгелија. Денес, имаме вкупно 33 пробациски службеници вработени во секторот пробација, вклучувајќи ги и одделенијата за пробација во наведените градови. Најголем дел од персоналот е обучен за целите и суштината на пробацијата, за главните одговорности на пробациските службеници и за начинот на организирање на работата во пробациската служба како и добрите практики во работењето на пробациските служби, спроведувањето пробациско интервју со осудено лице на кое му била била изречена алтернативна мерка, примена на инструмент за процена на ризиците, определување на приоритетните потреби и програма за третман, како и подготовка на пробациски извештај.
Воспоставена е соработка на пробациската служба со државните институции, со единиците на локалната самоуправа и со невладиниот сектор при извршувањето на пробациските работи. Беше воспоставена соработка со Академијата за обука на судии и јавни обвинители. Меморандуми за соработка беа потпишани меѓу УИС и повеќето општини, како и со јавни претпријатија во градовите со пробациски канцеларии, за извршување на општокорисна работа од страна на осудени полнолетни лица во согласност со пресудата од Основниот суд под надзор на пробациската служба.
Пробациската работа ги вклучува следниве надлежности:
-изработка на извештаи за извршена процена на ризик за обвинети лица во текот на судската постапка, во согласност со законот;
-вршење на заштитен надзор изречен со условна осуда или условен отпуст;
-организирање и надзор над извршувањето на општокорисната работа;
-вршење надзор со примена на електронски алатки во согласност со законот;
-други работи кои се од значење за извршувањето алтернативните мерки и обврски.
Бројот на предмети од година во година расте, при што број на пробациски предмети во 2019 година бил 165, бројот на пробациски предмети во 2020 година бил 276, бројот на пробациски предмети во 2021 година бил 451, додека во 2022 година истиот бил 475.
Со оглед на тоа дека Основниот кривичен суд Скопје на годишно ниво изрекува најголем број на пресуди во државата, па така најголем број на предмети има во канцеларијата за пробација во Скопје, додека според видот на мерки најголем број на предмети се Условен отпуст на осудени лица со заштитен надзор, потоа Општокорисна работа , следни се Условна осуда со заштитен надзор, и Проценка на ризик на обвинет во тек на судска постапка.
Во 2022 година карактеристично беше тоа што под надзор на пробациската служба имаше голем број на осудени лица кои извршуваа општокорисна работа, поради сторено кривично дело по чл.206 од КЗ Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија. За таа цел Управата за извршување на санкците освен до сега склучените меморандуми за соработка со Јавните претпријатија низ општините склучи нови меморандуми за соработка со две Јавни здравствени установи во државата , ЈЗУ Институт за трансфузиона медицина на РСМ и ЈЗУ Институт за јавно здравје на РСМ. Во истите општокорисна работа вршеше група на студенти по медицина кои не го почитувале здравствените прописи за време на епидемија.
Пробациската служба има одлична соработка со Црвениот крст на РСМ. Притоа, кога ранливи категории на осудени лица имаат потреба од пакети со храна и средства за хигиена можат во соработка на Црвениот крст истите да им се обезбедат.
Во текот на 2021 и 2022 година се одвиваа активности преку ИПА Проектот: “Поддршка на ЕУ за владеење на правото” – Компонента 4: “Зајакната заштита на основните права и засилена употреба на алтернативните мерки”, финансиски поддржан од Европската Унија, a кој се реализира од страна на “АЕI.АТ”- Агенцијата за Европски интеграции и економски развој, Федералното Министерство за внатрешни работи на Република Австрија, Министерството за правда и јавна администрација на Република Хрватска и Институтот за човекови права Ludwig Boltzmann од Австрија. Преку овој проект се спроведуваа активности во насока на континуиран развој на пробациската служба и нејзино унапредување. Конкретно беа одржани 4 тркалезни маси во ноември и декември 2021 година на тема ,,Потреба од измени и дополнување на легислативата за пробација“. На тркалезните маси присуствуваа судии, обвинители, затворски работници и пробациски службеници. Во текот на месец април 2022 година започна втора активност со експерти од Хрватска со чија помош беа изработени четири документи, и тоа : Проценка на потребите за обука и план за спроведување на обуката, Програма за обука на обучувачите, Наставна програма на основната интерна обука и Чекор во иднината-Јакнење на капацитетите. Исто така паралелно започнаа активности со експертка за комуникации во врска со изработка на Стратегија за комуникација за пробациската служба. За овие две цели номинирани беа 14 пробациски службеници кои ќе бидат дел од ПР работната група за односи со јавност. Притоа истите поминаа низ основна обука за комуникации и започнаа со изработка на Стратегијата за комуникација на пробациската служба. Исто така беа номинирани 20 пробациски службеници за обуки за обучувачи.
Во хотел Мериот во Скопје се одржа промотивен настан на Проектот „Градење на услуги засновани на заедницата за поддршка на ресоцијализација и реинтеграција на поранешно осудени лица” кој ќе биде спроведен од страна на Македонско здружение на млади правници, во партнерство со Хелсиншкиот Комитет за човекови права, Македонското пенолошко друштво и Здружението за советување, лекување, реинтеграција и ресоцијализација на лица зависни од психоактивни супстанции Избор. Како партнер на овој проект, Управата за извршување на санкциите ќе учествува во активности на затворскиот систем и на пробациската служба.
Во тек е измена и дополнување на Законот за извршување на санкциите, а во текот на 2023 година следи и измена и дополнување на Законот за пробација. Воедно, истовремено е во тек измена и дополнување на Кривичниот Законик и Законот за кривична постапка со кои предложени промени се планира зголемување на опфатот на изречени алтернативни мерки што е една од поважните стратешки цели. На Скринингот во Брисел за Поглавјето 24,, Правда, слобода и безбедност” претставник од Управата за извршување на санкции презентираше на тема ,,Инструменти поврзани со извршување на санкциите, односно алтернативните мерки. Притоа, беше презентирана пробациската служба и усогласеноста на нашата со ЕУ регулативите.