Сектор за пробација

Кои сме ние?

Пробацијата е стручна служба организирана на ниво на Сектор во Управата за извршување на санкции (УИС), при Министерството за правда на Република Северна Македонија. Спроведува надзор над извршување на казните без лишување од слобода, поточно над алтернативните мерки: условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа и куќен затвор како и над извршувањето на условниот отпуст, изречени со одлука на судовите. Пробациската служба врши надзор на осудените лица и им нуди поддршка, а целта е да се одржи безбедноста во заедницата со подобрување на ресоцијализацијата и рехабилитацијата на лицата над кои се извршуваат пробациски работи како и да се намали затворската популација.

Пробациската служба е воспоставена со Законот за пробација (Службен весник на РМ 226/15) од 2015 година. Пробациските службеници се државни службеници вработени од Управата за извршување на санкции, Министерство за правда. Пробациската служба е составена од мултидисциплинарен тим на дипломирани правници, психолози или социјални работници кои се обучени за извршување на пробациски работи согласно националното законодавство и меѓународните стандарди.

Осудените лица треба да ја контактираат пробациската служба во случај од судот да им биде изречена казна или мерка без лишување од слобода, поточно доколку со одлука на суд им е изречена алтернативна мерка или доколку се условно отпуштени од издржување на казна затвор. Пробациската служба соработува со правосудните органи и други релевантни институции и невладини организации.

Пробациската служба го поддржува и надгледува сторителот во следењето на условите и извршувањето на обврските изречени од судот како дел од санкцијата или мерката без лишување од слобода. Пробациската служба директно го известува судот, кој одлучува за понатамошното извршување на санкцијата, дури и во случај на непридржување кон обврските.

Санкциите и мерките без лишување од слобода, поточно алтернативните мерки условна осуда со заштитен надзор и општокорисна работа, се важни и одржливи инструменти на секој модерен кривично-правен систем за борба против криминалот без негативните ефекти од затворската казна, која инаку треба да се изрекува само како последно средство. Алтернативните мерки помагаат да се намалат финансиските трошоци на казнено-поправните установи, ризикот од повторништво и се корисни за заедницата. Санкциите без лишување од слобода може да бидат корисни за промовирање на социјалната инклузија, даваат поддршка на сторителите и го спречуваат повторништвото. Тие секако подразбираат одредено ограничување на слободата, но им овозможуваат на луѓето да живеат во заедницата и истовремено да ја издржуваат изречената казна за стореното дело. Спроведувањето на казните и мерките во заедницата и избегнувањето на негативните аспекти од изолацијата може да овозможат подобра долгорочна заштита за општеството.

Член 2 од Законот за пробација гласи:

„Извршувањето на алтернативните мерки и обврски изречени во кривична постапка е со цел заштита на заедницата од криминал и ресоцијализација и реинтеграција на лицата спрема кои се извршуваат пробациските работи.“

Со цел соодветно да управува со предметите и да ја поддржи ресоцијализацијата на сторителите во заедницата, пробациската служба мора да соработува со најразлични институции и невладини организации, агенции и групи.

Како е организирана пробацијата во Република Северна Македонија?

Пробациската служба е посебна организациска единица на ниво на сектор во Управата за извршување на санкции.

На крајот од 2017 година, беше отворена првата пробациска канцеларија за подрачјето на Основниот суд Скопје 1 Скопје. Во 2018 година беа воспоставени и пробациските канцеларии во судовите со проширена надлежност во Велес, Куманово, Тетово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип и Струмица, беше ангажиран пробациски персонал и во 2019 година се започна со работа на првите предмети. Со измените на Законот за судови, пробациски канцеларии се отвораат и за подрачјата на останатите судови со проширена надлежност, поточно во Гостивар, Кочани, Кавадарци, Струга и Гевгелија.

Нашиот персонал

Службениците за пробацијата се државни службеници вработени во Управата за извршување санкциите при Министерството за правда.  Тие преставуваат еден мултидисциплинарен тим. 

 

Службениците за пробација имаат дипломи по право, психологија или социјална работа. Тие имаа стручни обуки за специјалното поле на пробациските задачи следејќи ја националната правна рамка и меѓународните стандарди.

Каде се може да не најдете:

Одделение за надзор над извршување на пробациските работи

маил: DijanaGjerovska@mjustice.gov.mk

тел:

Одделение за електронски надзор

маил:

тел:

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен Кривичен суд Скопје

probacijaskopje@gmail.com

072-321-109

072-238-714 

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Битола

probacijabitola@gmail.com

072-238-677

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Прилеп

probacijaprilep@gmail.com

071-354-561

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Охрид

probacijaohrid@gmail.com

072-238-602

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Струга

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Гостивар

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Кичево

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Тетово

probacija.tetovo@gmail.com

072-238-704

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Куманово

probacijakumanovo@gmail.com

072-238-680

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Кочани

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Велес

probacijaveles@gmail.com

071/354-583

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Гевгелија

probacijagevgelija@gmail.com

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Кавадарци

probacija.kavadarci@gmail.com

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Струмица

probacijastrumica@gmail.com

072-238-634 

Одделение за извршување на пробациски работи за подрачјето на Основен суд Штип

probaciskasluzbastip@gmail.com

072 238 603

Scroll to top

Пробациските канцеларии спроведуваат процена на обвинетите лица за време на судска постапка, на барање на судот.

Што е тоа извештај за процена на ризикот?

Извештајот на пробацискиот службеник до судот за извршената процена на ризик за обвинетиот со предлог за видот на кривичната санкција претставува збир од релевантни податоци и информации за лицето за кое се води судска постапка кои што се собрани и анализирани во извештајот од страна на пробацискиот службеник и врз основа на кои судијата може да определи соодветна санкција, вклучително и можноста да се замени казната издржување затвор со алтернативна мерка која што треба да биде извршена во рамките на заедницата.

За да ја извршат процената, пробациските службеници користат збир од стандардизирани инструменти за секој сторител одделно, за да се процени потенцијалот за насилно однесување, нанесување на штета и/или нивото на ризик од повторување на кривичните дела. Исто така се врши процена на индивидуалните потреби на лицето спрема кое се води судската постапка, а кои се поврзани со извршувањето на кривични дела и потенцијали што можат да бидат надградени за да се намали ризикот во иднина.

По извршената процена, пробациската канцеларија доставува Извештај за извршена проценка на ризик со предлог за видот на кривичната санкција за обвинетиот до судот.

Како се изготвува извештај за извршена процена на ризик?

Покрај стандардизираните инструменти за процена на нивото на ризик, пробацискиот службеник прибира информации и податоци за обвинетото лице за да формира професионално мислење. За таа цел се организираат едно или повеќе интервјуа со обвинетото лице, неговите/нејзините роднини и други релевантни лица што може да понудат важни информации за извршување на процената. Пробацискиот службеник врши проверка на различни документи или бази на податоци како што се казнената евиденција и различни фискални, медицински и социјални информации со цел да добие целосна слика за случајот.

Која е целта на извештајот за процена на ризикот?

Извештајот за процена на ризик може да му помогне на судот да ги има предвид сите околности што влијаат врз одмерување на казната (олеснувачки и отежнувачки околности), а особено степенот на кривичната одговорност, побудите од кои е сторено делото, степенот на загрозувањето или повредата на лица или предмети, околностите под кои е сторено делото, придонесот на жртвата во извршувањето на делото, поранешниот живот на сторителот, неговите лични прилики и неговото однесување по стореното кривично дело, како и други околности што се однесуваат на личноста и општите околности поврзани со сторителот.

Извештајот може да им послужи и на судиите и на јавните обвинители да разберат зошто обвинетиот го сторил делото и да го изнајдат најефикасниот начин да му помогнат на сторителот да прекине со криминалното однесување.

Пробациските службеници извршуваат надзор кога судот ќе изрече условна осуда со заштитен надзор

Што е условна осуда со заштитен надзор?

Условната осуда со заштитен надзор е санкција без лишување од слобода поточно алтернативна мерка која судот ја изрекува како замена за казна затвор кога смета дека ресоцијализацијата на осуденото лице може да се постигне со примена на мерки за помош, грижа, надзор и заштита во самата заедница. Со условна осуда на сторителот на кривично дело судот му ја утврдува казната и истовремено определува дека таа нема да се изврши ако осудениот за времето што ќе го определил судот, а кое не може да биде пократко од една ниту подолго од пет години (време за проверка), не стори ново кривично дело. Заштитен надзор судот ќе одреди кога ќе најде дека условната осуда нема доволно да влијае врз сторителот повеќе да не врши кривични дела, а околностите сврзани со личноста на сторителот или средината во која живее го прават оправдано очекувањето дека целта на условната осуда ќе се постигне ако се определат и мерки на помош, грижа, надзор или заштита. Траењето на заштитниот надзор судот го одредува на определено време согласно Кривичниот законик. Месно надлежната пробациска канцеларија го извршува надзорот.

Работни методи на пробациските службеници што го извршуваат надзорот

Надзорот се извршува согласно индивидуалната програма за третман изработена од пробацискиот службеник во соработка со сторителот земајќи ги предвид обврските наметнати од судот и врз основа на извршената процена на ризиците и потребите на лицата над кои се извршуваат пробациски работи. Лицето спрема кое се извршуваат пробациски работи се запознава со содржината на индивидуалната програма за третман и со последиците од неизвршувањето на обврските по што е обврзан да ги исполни утврдените постапки и мерки. Индивидуалната програма за третман е патоказ за извршување на условите и обврските за време на пробацискиот период. Пробациските службеници ги поддржуваат и надгледуваат осудените лица во извршувањето на обврските и условите со цел да го намалат ризикот од повторно сторување на кривично дело. Како дел од спроведувањето на индивидуалната програма и план, осуденото лице се повикува да присуствува на редовни договорени средби со пробацискиот службеник, а можно е пробациските службеници и ненајавено да го посетат во неговиот/нејзиниот дом. Во случај лицето да не се појави на договорена средба, пробацискиот службеник за ова го известува Министерството за внатрешни работи, кое го обезбедува присуството на осуденото лице.

Како дел од контролата, пробацискиот службеник може да изврши увид во документацијата (судска одлука, наоди и мислења од лекар и други стручни лица, извештаи од Центарот за социјална работа и други) и прибира други потребни податоци за условно осуденото лице од други органи, институции и организации.

Пробациските службеници исто така им помагаат на осудените лица да ги откријат основните причини за криминалното однесување, да ја зголемат мотивираноста и да направат позитивни промени и да развијат техники за да не се вратат на претходното криминално однесување. Напредокот во извршувањето на условната осуда со заштитен надзор може да се увиди од извештаите кои ги составуваат пробациските службеници. Извештаите се испраќаат до судот согласно определен распоред. Во случај на отповикување на условната осуда со заштитен надзор, пробацискиот службеник доставува извештај до казнено-поправната установа каде што лицето е упатено на издржување на затворската казна.

Обврски на условно осуденото лице

Во текот на изрекувањето на заштитниот надзор, судот може да определи една или повеќе обврски кои осуденото лице треба да ги исполни. Овие обврски и цели поставени заедно со осуденото лице се вклучени во индивидуалната програма за спроведување на надзорот. Обврските може да се извршуваат во одредени институции и организации (како болници и други здравствени установи, социјални центри, невладини организации, итн.) кои се дел од мрежата на соработници на пробациската служба.

Пробацискиот службеник од месно надлежната пробациска канцеларија може на судот да му предложи изречените обврски да ги замени со други или да го продолжи траењето на заштитниот надзор во рамки на времето на проверка, во зависност од поведението на осуденото лице.

Во случај осудениот да не ги исполнува или неуредно да ги исполнува обврските, пробациската канцеларија го опоменува и за тоа веднаш го известува надлежниот суд. Ако осуденото лица и по писмената опомена не ги исполнува изречените обврски, надлежната пробациска канцеларија, во рок од 3 дена од информацијата за неисполнување на обврските, го известува судот и поднесува предлог за отповикување на условната осуда.

Што е условен отпуст?

Условен отпуст е предвремено ослободување на осуденото лице од издржувањето на казната затвор врз основа на судска одлука што наметнува одредени услови за ослободеното лице.

Условниот отпуст се изрекува согласно одредбите на Кривичниот законик на РСМ. Оваа мерка може да помогне да се намалат непотребните трошоци и негативното влијание на затворањето, кога целта на лишувањето од слобода е веќе остварена и се чини дека е посоодветно да се реинтегрира сторителот порано во заедницата со одредени услови и обврски.
Условниот отпуст всушност претставува модификација на начинот на издржување на затворската казна, бидејќи на овој начин истото не е прекинато, туку само е сменет начинот на извршување. Наместо да бидат во затворена средина, осудените лица може да се вратат на местото каде што планирале да се вратат по издржувањето на казната, но сѐ уште под надзор на надлежните служби.

Условниот отпуст е награда и привилегија што се добива за добро поведение и следење на правилата, доколку се исполнети законските критериуми наведени во Кривичниот законик.

Кои се критериумите за на едно лице да му биде изречен условен отпуст?

Согласно член 36 од Кривичниот законик, осуденото лице може да биде ослободено условно откако ќе издржи половина од казната затвор, со одлука од суд. Судот го зема предвид неговото поведение за време на издржување на казната, извршувањето на работните задачи и работното ангажирање, како и други околности што покажуваат дека целта на казнувањето е веќе постигната.

По исклучок, условно може да се отпушти и осуден кој издржал само
една третина од казната затвор под одредени услови и посебни околности, што се однесуваат на личноста на осудениот и очигледно покажуваат дека е постигната целта на казнувањето.

Осудениот на казна доживотен затвор условно не може да се отпушти пред да издржи најмалку 25 години казна затвор.

Осуденото лице се отпушта од издржувањето на казната во денот кога со решение за условен отпуст е определено отпуштањето.

Кој може да поднесе молба за условен отпуст?

Осуденото лице има право да поднесе молба за условен отпуст која ја доставува до управата на установата, која истата ја праќа до судот кој ја донел првостепената пресуда.

Други субјекти кои може да поднесат молба за условен отпуст освен осуденото лице се: неговиот брачен/вонбрачен другар, адвокат, роднина по крв од прва линија, и други лица определени со Кривичниот законик.

Постапката за отпуштање со условен отпуст може да се поведе по предлог на директорот на казнено-поправната установа, а под услови предвидени со закон. Пробацискиот службеник во казнено-поправната установа, доколку смета дека осуденото лице ги исполнува законските услови за условен отпуст, доставува писмен извештај за однесувањето на осуденото лице во текот на издржувањето на казната затвор до директорот на казнено-поправната установа, кој е должен во рок од 15 дена од прием на извештајот да поднесе предлог за условен отпуст до судот кој ја донел одлуката во прв степен.

Кој одлучува за условниот отпуст?

Судот што ја донел одлуката во прв степен одлучува по барањето.

Решението за условен отпуст надлежниот суд го доставува до осуденото лице, казнено-поправната установа, надлежното ОЈО, подрачната единица на Министерството за внатрешни работи според местото на живеалиште, односно престојувалиште на осуденото лице и на месно надлежната пробациска канцеларија, која е должна по приемот на решението да го извести Центарот за социјална работа, Агенцијата за вработување, работодавецот кај кој осуденото лице работи, соодветната здравствена установа, како и други правни субјекти во зависност од обврските утврдени од решението.

Која е улогата на пробациската служба во случај на условен отпуст?
Во затворот

За време на постапката на условен отпуст, Секторот за ресоцијализација во затворот подготвува процена на ризик и контактира со месно надлежната пробациска канцеларија.

При Процената на ризик се зема во предвид реализацијата на индивидуалната програма за третман спроведена во затворот, по претходно прибирање на доволно информации за ризиците и потребите на сторителот, продолжувањето на третманот или други програми и други важни информации за осуденото лице, како што е предвидено со затворските акти.

Во заедницата


Пробациската служба е одговорна за спроведување на надзор над условно отпуштените осудени лица од затвор, користејќи одредени интервентни методи како заштитен надзор и програми за третман во заедницата што дозволуваат процесот на ресоцијализација да продолжи по ослободувањето од затвор и реинтеграција на сторителот во заедницата согласно индивидуалната програма за третман.

Доколку судот во решението за условен отпуст на сторителот му одреди заштитен надзор, пробациската канцеларија според местото на живеење на осуденото лице спроведува одредени посебни мерки на помош, грижа, надзор или заштита, со цел да се поддржи процесот на реинтеграција и ресоцијализација во заедницата. Пробациската служба го надгледува извршувањето на мерките и ги известува надлежните органи за постигнатиот напредок.

Работни методи на пробациските службеници при извршување на надзорот

Разговори со условно отпуштеното лице во пробациската канцеларија за проверка на напредокот и предупредување на осуденото лице за последиците од непридржување кон обврските или повторништво. Исто така може да се спроведат програми за третман кои би ја олесниле реинтеграцијата на осуденото лице во заедницата.

Анализа на релевантните документи на осуденото лице и од други органи како што се централен регистар, работодавачот или пак центарот за социјална работа.

За извршувањето на обврските во текот на условниот отпуст, месно надлежната пробациска канцеларија подготвува извештаи кои ги доставува до судијата за извршување на санкции.

Отповикување на условен отпуст

Судот може да го отповика условниот отпуст ако условно отпуштениот стори едно или повеќе кривични дела за кои е изречена казна затвор.
Условниот отпуст може да биде отповикан исто така доколку лицето и покрај добиената писмена опомена од пробациската служба не ги исполнува обврските од заштитниот надзор, откако добило писмена опомена од страна на пробациската служба.

Што преставува општокорисна работа?

Општокорисната работа претставува санкција без лишување од слобода, поточно алтернативна мерка определена согласно Кривичниот законик. Мерката општокорисна работа судот ја изрекува во траење од 40 до 240 часа. Откако казната ќе стане правосилна, пробацискиот службеник го повикува сторителот на разговор и изготвува индивидуална програма за третман (Член 10 од Законот за пробација) со цел да изврши надзор и да го поддржи сторителот во извршувањето на обврските.

Мерката општокорисна работа има за цел избегнување на негативните последици од затворањето со цел да се помогне ресоцијализацијата и рехабилитацијата на сторителите во заедницата. Таа ја ограничува слободата преку одработување часови за добро на заедницата, како тип на казна без изолација од животот во заедницата. Со оваа мерка се избегнуваат негативните последици од затворањето кои може да се пројават и кај сторителите и во заедницата. Таа може да биде соодветна казна за одредени дела и истовремено да овозможи контрола и поддршка во спречувањето на повторништво. Спроведувањето на општокорисната работа треба да биде согласно начелата за достоинство и приватност на сторителите, нивните семејства и други лица. Пробациската служба го поддржува спроведувањето на општокорисната работа земајќи предвид дека треба да ги заштити и лицата кои ја извршуваат од навреди и несоодветна љубопитност на јавноста.

Според Член 18 од Законот за пробација, пробацискиот службеник
  • Го кани осуденото лице на разговор;
  • Врши увид во документацијата на осуденото лице (пресуда, лекарски извештај и други професионални мислења, извештаи од центарот за социјални работи, итн.) и ги прибира сите дополнителни потребни податоци за осуденото лице од други страни, институции и организации; 
  • Го насочува осуденото лице кон извршување на мерката; 
  • Го следи извршувањето на општокорисната работа и нуди помош на осуденото лице;
  • Изготвува извештаи за извршувањето на општокорисната работа и таквите извештаи ги доставува до судот.

Општокорисната работа може да се извршува во државни органи, јавни претпријатија, установи, единици на локалната самоуправа, хуманитарни организации и во други субјекти кои вршат дејност во која може да се оствари целта на извршување на општокорисна работа. (Чл. 19 Закон за пробација).

Пробациската служба има склучено меморандуми за соработка со различни работодавачи, на пр. општини и јавни претпријатија и работното место го бира согласно индивидуалниот план за третман на сторителот и условите наведени во одлуката на судот.
Осудениот на општокорисна работа не добива надоместок за извршената работа. 

Согласно Законот за пробација, осуденото лице на општокорисна работа се осигурува во случај на повреда при работа.