На ден 30.03.2021 година се одржа свечена промоција на завршниот настан на ИПА Твининг проектот,, Јакнење на казнено- поправниот систем и пробациската служба”, финансиран од ЕУ, а чиј корисник беше Управата за извршување на санкциите.
На настанот воведни обраќања имаа г-дин Бојан Маричиќ, Министер за правда, г-дин Јулиан Васало, Заменик шеф на делегацијата на ЕУ, Н.Е. Анке Холштајн, Амбасадор на Сојузна Република Германија, Н.Е. Дирк Јан Коп, Амбасадор на Кралството Холандија, г-дин Марјан Спасовски, Директор на Управата за извршување на санкциите, г-дин Штефан Ферер од Германија како водач на проектот од земја-членка и Аксел Бримле постојан твининг советник од Германија.
Директорот на Управата за извршување на санкциите г-дин Марјан Спасовски, во своето воведно обраќање изрази голема благодарност до Европската унија за поддршката и помошта за спроведување на проектот. Исто така потенцира дека денес имаме воспоставена функционална пробациска служба со 11 канцеларии во целата држава, затвори кои не се преполнети и обучени вработени од страна на врвни експерти од областа.
На настанот земаа учество судии, обвинители, директори на казнено-поправни установи, вработени во Управата за извршување на санкциите и пробациските канцеларии како и претставници на медиумите.
За време на настанот беа промовирани и видеа на кои можеше да се види работата на дел од нашите пробациски службеници, кои дополнително ќе бидат објавени и на нашата веб страна.
Ова е исклучително значаен Проект за Управата за извршување на санкциите кој опфаќа две компоненти.
Со реализација на Првата компонента на Проектот се придонесе за воспоставување на стандарди за одржување на затворските капацитети, јакнење на институционалните и административните капацитети на казнено-поправниот систем, подобрено управување со човечките ресурси и контрола на работењето во установите, а се во насока на почитување и унапредување на правата на осудените лица и нивна успешна ресоцијализација.
Во рамките на втората компонента на проектот главниот фокус беше ставен на обука на пробациските службеници, на судиите и на персоналот во другите институции вклучени во извршување на пробациските работи со што е обезбеден обучен пробациски персонал за ефикасно и стручно извршување на пробациските работи и воспоставена е мрежа на соработници на пробациската служба со државните институции, локалната самоуправа и невладиниот сектор. Изработени се материјали (постер, лифлет и брошура) за промоција на пробациската служба во кои на сликовит начин е објаснета улогата и целите на службата, како и Стратегија за развој на пробациската служба (2021-2025)
Основната цел на проектот е да се подобри ефикасноста и функционирањето на казнено-поправниот систем и развивање на ефикасна и одржлива пробациска служба со целосно почитување на правата и достоинството на лицата лишени од слобода, и на лицата над кои се извршуваат пробациски мерки со цел нивна успешна ресоцијализација во заедницата. За времетраењето на проектот од страна на 27 експерти од 5 држави одржани беа вкупно 91 работилница со вработените од Управата за извршување на санкциите, казнено-поправните и воспитно-поправните установи и пробациските службеници.