На 22-23 јуни во Александар Палас – Скопје, во рамките на проектот – Јакнење на капацитетот на пенитенцијарниот систем и на надворешниот механизем за контрола на полиција во Северна Македонија се одржа обука во врска со спроведување на Стратегија за спречување на самоубиствата во казнено-поправните установи. Стратегијата е изработена од страна на меѓународните експерти Марија Дефинис и Марзена Ксел ангажирани од страна на Совет на Европа. Стратегијата беше претставена од страна на Марија Дефинис-Гојановиќ и Оливера Вулиќ Краљ. На настанот учество земаа претставници од Управата за извршување на санкциите, казнено-поправните установи и медицински персонал кој работи во КПУ.
Тема на обуката беше самоубиството во казнено-поправните установи како меѓународен проблем. Самоубиството во КПУ е појава врз која влијаат различни фактори, вклучувајќи здравствени и ментални проблеми, како и проблеми со семејството, отсуство на целисходна активност и услови на специфично затворско опкружување и стрес при прилагодување на КПУ.
Овој документ е првата стратегија за спречување на самоубиства во КПУ во Северна Македонија и истата е насочена кон спречување случаи на самоубиство во казнено-поправните установи. Стратегијата се фокусира на три области клучни за спречување на самоубиствата во казнено-поправните средини: проценка, интервенција и третман и обука.
Спроведувањето на оваа стратегија треба да биде заедничка задача на сите лица кои работат во казнено-поправните установи, Управата за извршување на санкциите и Министерството за здравство и шанса да се развие мултидисциплинарен тимски пристап со цел да се воспостават, спроведуваат и одржуваат деталните програми за спречување на самоубиствата во казнено-поправните установи.