Пуштена во употреба најголемата и најопремена дигитална судница во државата

На 30.11.2022 година свечено се означи официјалниот почеток на функционирање на најголемата и најопремена дигитална судница во државата. На настанот беа присутни директорот на Управата за извршување на санкциите Марјан Спасовски, претседатели на судови, судии, обвинители, претставници на медиумите, додека свое обраќање имаа министерот за правда др.Никола Тупанчевски, амбасадорот на ЕУ во Република Северна Македонија Н.Е. Дејвид Гир, заменик шефот на мисијата во Амбасадата на САД во Република Северна Македонија Н.Е.Ерик Мајер. Новата дигитална судница е изградена со поддршка на Европската Унија во рамките на ИПА акциската програма “Поддршка на Секторот Правда“, со околу милион евра инвестирани во градба и опрема. Учеството на Република Северна Македонија е 0,28 милиони евра. Набавката на дополнителна безбедносна како и ИТ опрема беше поддржана од Амбасадата на САД. Управата за извршување на санкциите учествуваше во опремување на судницата со мебел и друга опрема. Вкупната вредност на судницата е 1.3 милиони евра.Целта на изградбата на овој комплекс со судница во затворот „Идризово“ е во неа да им се суди на притворени, како и на осудени лица за тешки кривични дела против кои се водат и други кривични постапки, а чиј транспорт до судовите е безбедносно ризичен.Со тоа, значително ќе се намали ризикот од бегства на притворени и осудени лица за време на транспорт до судовите. Дополнително, со користењето на оваа судница, ќе бидат заштедени значителни средства за транспорт на притворени и осудени лица во судовите.Судницата е само еден сегмент од целокупниот комплекс за оваа намена кој содржи посебни простории за обвинетите, посебни канцеларии за судиите и јавните обвинители, простории за адвокатите, најсовремен систем за заштита на сведоци со можност за изобличување на слика и тон, систем за видео конференција, кабина за преведувачи, како и соодветен безбедносен и мониторинг систем. Овој комплекс располага со посебни влезови за осудени лица, за службени лица, за јавноста која ќе присуствува на овие судења како и посебен дел за новинарите. Судската сала е со површина од 290м2, додека бруто површината на објектот е 1207м2, со 3800м2 интерни сообраќајници и пешачки патеки, и 3000м2 зеленило.

Пуштена во употреба најголемата и најопремена дигитална судница во државата
Scroll to top