Посета на хрватската пробациска служба

Во рамките на проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, претставници на Пробациската служба, судии и јавни обвинители, беа во студиска посета на хрватската пробациска служба од 12 до 15 мај 2025 година. Целта на оваа посета беше да се подобрат знаењата, вештините и компетенциите, да се запознаат примери на добри практики, како и да се зајакне соработката меѓу пробациските служби од двете земји. За време на неколкудневната посета, нашите претставници имаа можност да се запознаат со организацијата, практиките и предизвиците на хрватскиот пробациски систем. Посебен акцент за време на посетата беше ставен на работата со лица под пробациски надзор, меѓусекторската соработка, дигиталните алатки во пробациската работа и успешните примери на реинтеграција на сторителите во заедницата. Покрај со пробациската служба, за време на студиската посета беа организирани средби со судии и граѓанска организација. За време на посетата, м-р Дијана Ѓероска, Раководител на Одделението за надзор над извршувањето на пробациските работи, на Раководителот на Секторот за пробација на Хрватска Горан Бркиќ му врачи благодарница за исклучителниот придонес во развојот и унапредувањето на пробациската служба на Македонија, нагласувајќи дека поддршката и соработката на колегите од хрватската пробациска служба одиграла значајна улога во зајакнувањето на заедничкиот професионален стандард.

Посета на хрватската пробациска служба
Scroll to top