Како дел од заедничките планирани активности на Управата за извршување на санкциите и ИПА проектот „Поддршка на ЕУ за владеење на правото“, од 27-31.10.2025 година се реализираше еднонеделна регионална мисија во пробациските канцеларии во Тетово и Куманово. За време на мисијата хрватските експерти Горан Бркиќ и Весна Зелиќ Ферензиќ заедно со практичарите работеа на ревидирање на Инструментот за проценка на потребите од социјална реинтрегација на сторители, анализа на постоечките обрасци, како и примена на техники на интервјуа со осудени и обвинети лица. Притоа, за време на мисијата се одржаа состаноци во Основните судови во Тетово и Куманово со претседателите на судовите и со судиите кои постапуваат во кривична материја, како и со јавните обвинители. На состаноците хрватските експерти за пробација – Горан Бркиќ, Весна Зелиќ Ферензиќ и претседателката на Судот во Госпиќ Дубравка Рукавина – ги споделија своите позитивни искуства од практичната примена на пробацијата во Хрватска. Експертите ги истакнаа бројните придобивки од пробацијата, вклучувајќи ги и извештаите за проценка на ризик на обвинетите лица кои ги изготвува пробациската служба. Притоа, за време на состанокот беше потенцирана улогата на пробацијата во процесот на успешна ресоцијализација на сторителите преку ефективна примена на алтернативните мерки – условна осуда со заштитен надзор, општокорисна работа, куќен затвор, како и преку институтот условен отпуст.
Реализирана еднонеделна мисија во Тетово и Куманово со експерти од Хрватска



