Втор дел од интервјуто на директорот Јовица Стојановиќ за ЦивилМедиа

Стојановиќ: Единаесет години ме држеа во фиока

Во вториот дел од интервјуто со Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување санкции при Министерството за правда разговараме за реформите во УИС и пробацијата. Стојановиќ зборуваше и за кумановскиот затвор во Кшање и пропустите што таму се направени уште на почетокот од неговото реализирање. Со директорот на УИС разговаравме и за соработката и поддршката на проекти од меѓународната заедница, како и за состојбата во претходните 11 години во време на режимот.

Каде бевте сите тие години, беше прашањето на ЦИВИЛ Медиа.

„Во фиока. Добивав годишен одмор иако не ми следуваше само за да не се видам со меѓународниот фактор што ни доаѓаше во установите. Имам информации дека некои од експертите што доаѓале прашувале каде сум. Кажувале дека сум на боледување иако никогаш во животот, до минатата година, во овие 26 години работа еден ден немам отсуство од работа. Не знам зошто тогашната постава не сакаше да ги искористи знаењата мои и на колегите во самите установи. Можам да потврдам дека тоа знаење е на ниво на експертите што доаѓаат од надвор“, одговори Стојановиќ.

За затворот во Кшање, смета дека во старт се направени грешки што сега се санираат со потешкотии.

„Затворот познат како Кшање е несреќа локација што претпоставувам дека е лична желба на одредено лице. Да не прејудицирам во овој момент, меѓутоа да направите објект 25 километри надвор од Куманово, 18 километри надвор од Свети Николе, притоа да го лоцирате на места каде нема вода… во овој период доставуваме вода преку приватна винарија што е до самиот затвор, но правиме напори да обезбедиме цистерна за снабдување со вода. Значи да ставивте една установа во функција која чини доста пари да нема вода, да нема пристапен пат, навистина е несреќно наследено нешто, меѓутоа тоа е наследено така како што е, вложени се многу пари од кредитот на државата, значи од пари на граѓаните на Република Северена Македонија и го оставаме во функција и функционираме колку што можеме подобро во овој момент“, објасни Сотјановиќ.

Што се однесува на пробацијата во текот на истите 11 години донесен е Закон за пробација, од кој произлезе само една брошура.

Јовица Стојановиќ, директор на Управа за извршување санкции

„11 години не бев во тек и непосреден контакт со работите што се случувале во УИС и кога прашав што се работи на тоа поле, Законот е донесен во 2015, со одложено дејство до 2016 година. Кога прашав дали функционира, рекоа да, нема вработени, но има овластени лица, затоа нема ни канцеларии, а странките се примаат доле во холот на Министерството за правда. И тоа го викаа пробација. Напротив од тогаш до денеска навистина имаме позитивна промена. Почнавме некаде на крајот на август 2018 година твининг проект со  Германија и Холандија. Од тогаш до сега имаме 9 канцеларии коишто се функционални, 8 во рамките на судовите со проширена надлежност. Треба да ги направиме до 15 кога ќе се развие комплетно пробацијата… од почеток на 2019 година во редовен работен однос имаме одреден број и на неопределно, вкупно 26 вработени во Секторот за пробација. Притоа имаме делигирано од УИС две лица кои водат сметка за пробацијата. Исто така, имаме повлечено две лица во Скопје и Битола кои имаат големо затворско искуство, за да помогнат во полесно справување со случаевите кои ги имаат“, изјави Стојановиќ.

Стојановиќ нагласи дека во моментот има 200 случаи што поминале или се во тек во пробациските канцеларии низ земјата. Како што рече, пробацијата е иднината на затворскиот систем.

„Во КПД „Идризово“ функционираше стопанска единица „Препород“ каде голем дел од осудената популација во 2006 година својот работен ангажман или занаетите ги учеа токму во оваа единица. Во приницип лицата со помала казна, под 5 години можевме да ги вадиме надвор и да бидат ангажирани околу земјоделските површини во стопанската единица „Економија“… значи им се овозможуваше да се занимаваат со таква работа кога ќе излезат дам ожат  да се интегрираат во општеството. Кога дојдов на оваа функција тоа се беше руинирано и уништено, наследени долгови, наследени тужби…  “, изјави Стојановиќ.

Стојановиќ објасни дека УИС успева да ги подмирува тие долгови, да ги реши наследените судски спорови… и преку краткорочни проекти да ги воспостави праксите за изучување на занаети и тоа преку соработка со невладини организации, УНДП…

За сите постигнати успеси, Стојановиќ изрази благодарност и до сите што работат во УИС, велејќи дека човек сам за себе не може сѐ да направи и зад сите проекти што се завршени стои Управата.

Џабир Дерала

обработка на текст и фотографија: Биљана Јордановска

камера: Атанас Петровски

монтажа: Владимир Перчуклиевски

Втор дел од интервјуто на директорот Јовица Стојановиќ за ЦивилМедиа
Scroll to top