Службениците од Интервентните тимови на затворската полиција на Република Македонија ја остварија својата прва официјална студиска посета на Варшава, разменувајќи искуства и најдобри практики со Интервентната група на затворската служба на Полска (PSIG).
Делегацијата ја предводеше директорот на Управата за извршување на санкциите, Александар Пандов заедно со својот кабинет, како и петмина службеници на затворската полиција стационирани во Идризово, најголемиот затвор во Република Македонија. Тие го посетија истражниот затвор Варшава-Бјалоленка (Warsaw-Białołęka) и базата на Интервентната група, каде што ги разгледаа капацитетите за обука и опремата. За време на посетата, тие дознаа повеќе за полските процедури за ангажирање на интервентни тимови.
На вториот ден, посетителите имаа можност да го посетат Надворешниот центар за задржување во Попово (Popowo), во кој е сместен центарот за обука на персоналот на полските затвори. Останатите теми од интерес ги вклучуваа процесот на регрутирање и интерните процедури за селекција на затворската полиција, како и можностите за ресоцијализација на осудените лица.
Во изминатите две години, Советот на Европа, со поддршка на Европската Унија, ѝ помага на Управата за извршување на санкциите на Република Македонија во градењето капацитети и воспоставувањето правна рамка за интервентните тимови, која ги утврдува правилата за ангажирање и известување, ја нагласува нивната отчетност и обезбедува почитување на човековите права.
Оваа посета за размена на искуства беше спроведена во рамките на заедничката програма на Европската Унија и Советот на Европа „Хоризонтален инструмент за Западен Балкан и Турција“, и нејзината акција „Зајакнување на капацитетите на казнено-поправниот систем во Република Македонија“.
Интервентните тимови на затворската полиција на Република Македонија учат од полското искуство



